17.11.2020 Осоговските Планини прогласени за заштитено подрачје - Заштитен Предел


Со одлука на Владата на Р. С. Македонија, Осоговските Планини стануваат првиот заштитен предел (заштитено подрачје од категорија V) и прво поголемо заштитено подрачје во нашата држава прогласено после Националниот парк „Галичица“ во 1958 година.  

Долгогодишните истражувања на природните вредности во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), примената на швајцарското искуство во вакви процеси, како и примената на партиципативен пристап со различни релевантни чинители придонесоа кон успешноста на овој процес.  

Присуството на бројни меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, специфичните геоморфолошки појави, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата што резултирала со појава на уникатни предели ги прават Осоговските Планини особено вредни за зачувување. Согласно одлуката на Владата, ЈП „Национални Шуми“ интегрирано ќе управува со заштитеното подрачје Осоговски Планини, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото.  

Процесот за прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје се води во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје. Локалната експертиза во процесот е на Македонското Еколошко Друштво - МЕД, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање – МЖСПП. 

 
.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk