Серумско железо, трансферин и феритин за дијагностицирање на анемија

Испитувањето на серумското железо претставува лабораториски тест, што го мери присуството на циркулирачко железо врзано за трансферинот.

  1. Трансферинот е протеин кој го пренесува железото од желудникот и тенкото црево до неговите депоа, односно до коскената срцевина каде што се вградува во хемот. Овој тест најчесто се прави кога постои сомнеж за дефицит на железо, а со тоа и присуството на анемија во организмот. Дефицит на железо се јавува генерално во случај на намален внес на железо со храната или намалена ресорпција, при различни видови на крварења или пак при зголемени потреби од железо (бременост). Нормални вредности за серумско железо се 10.6-28.3 µmol/L кај мажи и 6.6-26.6 µmol/L кај жени.

  2. Вкупното железо во организмот на возрасен човек изнесува од 3.5-4g. Околу 65% од железото е врзано за молекулата на хемоглобинот во црвените крвни клетки, а 4% е врзано за молекулата на миоглобинот. Околу 30% од железото е врзано за феритинот во слезенката, коскената срцевина и во црниот дроб. Мали количини може да бидат присутни и во други клетки низ телото. Само 0.1 % од вкупното железо се наоѓа во крвта (циркулира), сврзано за транспортниот протеин трансферин. Најчесто 30% од трансферинот е заситен со железо. За тестот за серумско железо потребна е венска крв, од која што се мерат молекулите на железо врзани за трансферинот  кои циркулираат низ организмот. Референтни вредности за трансферин се движат од 2.24-4.06 g/L.

  3. Феритинот претставува комплекс на протеин врзан со железо т.е. депонирачка форма на тровалентно железо, каде железото останува во растворлива, нетоксична и лесно достапна форма. Го има во сите ткива во организмот, но најмногу е присутен во коскената срцевина, црниот дроб и слезенката. Нивото на феритинот во серумот дава слика за целокупната количина на железо во организмот, со што може да се превенира дефицитот или суфицитот на железото. Референтни вредности за феритин се: за деца 7-140 µg/L, за мажи: 20-250 µg/L и за жени: 20-200 µg/L. Определувањето на концентрацијата на серумското железо е слаб индикатор за депонираното железо во организмот. Затоа е подобро да се определат и хемоглобинот, бројот на еритроцитите, трансферинот, феритинот и TIBC (вкупниот капацитет на трансферинот за врзување со железото).

Ана Џимревска, дипл. инж. по биологија


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk