Липидниот профил овозможува процена на ризикот од атеросклеротични кардиоваскуларни заболувања. Одделните параметри имаат различно значење: едни ја покажуваат количината холестерол, други даваат увид во бројот на атерогените липопротеини или откриваат наследен ризик. Резултатите се разгледуваат заедно, во контекст со здравствената состојба на пациентот.
Вкупниот холестерол ја покажува вкупната количина холестерол во крвта. Тој е корисен почетен показател, но не открива како е распределен холестеролот меѓу различните липопротеини и самиот по себе не е доволен за процена на ризикот.
LDL-холестеролот ја прикажува количината холестерол што ја носат LDL-честичките. Ако неговата концентрација е зголемена долготрајно, тоа придонесува за создавање наслаги во артериите, поради што намалувањето на LDL-холестеролот е главната терапевтска цел кај лицата со покачен кардиоваскуларен ризик.
HDL-холестеролот ја прикажува количината холестерол во HDL-честичките, коишто учествуваат во неговиот транспорт од ткивата кон црниот дроб. Ниската вредност на HDL често е поврзана со повисок ризик, но концентрацијата не ја одразува неговата функционалност. Високо ниво на HDL-холестеролот не го поништува ризикот од покачен LDL, ApoB или Lp(a).
Non-HDL-холестеролот се пресметува како вкупен холестерол минус HDL-холестерол. Тој го опфаќа холестеролот во сите атерогени липопротеини, вклучувајќи ги LDL и честичките богати со триглицериди. Помага во процената на атерогениот липиден товар и може да се користи како дополнителна анализа при следење на терапијата.
Триглицеридите се липиди што служат како извор и резерва на енергија. Покачените вредности често се поврзани со инсулинска резистенција, дијабетес, дебелина и прекумерен внес на алкохол; може да се јават и при хипотиреоза, бубрежни заболувања или употреба на одредени лекови. Многу високите вредности го зголемуваат и ризикот од акутен панкреатит.
Липопротеинот(a), односно Lp(a), е честичка слична на LDL, којашто покрај ApoB-100 содржи и аполипопротеин(a). Неговата концентрација во најголем дел е генетски одредена и обично, во текот на животот, останува релативно стабилна. Се препорачува да се измери барем еднаш во полнолетството, по можност при почетните процени на липидниот ризик, особено при семејна историја на рана кардиоваскуларна болест. Lp(a) не е дел од редовниот стандарден липиден профил и се одредува како посебна анализа.
Покачениот Lp(a) е независен фактор на ризик за атеросклеротични заболувања и калцифицирачка стеноза на аортната валвула, дури и кога LDL-холестеролот не е изразено покачен. Може да влијае врз одлуката дали порано да се започне или да се засили терапијата за намалување на LDL-холестеролот (хиполипидемична терапија). Одлуката се темели на вкупниот кардиоваскуларен ризик, вредностите на LDL-холестеролот и ApoB, возраста, семејната историја и другите фактори на ризик.
Исхраната и физичката активност обично не го намалуваат значително генетски покачениот Lp(a). Сепак, тие се важни за вкупниот кардиоваскуларен ризик, заедно со непушењето и контролата на телесната тежина, крвниот притисок и гликемијата. Кај лицата со висок Lp(a), лекарот може да препорача почеста контрола на LDL-холестеролот и на останатите променливи фактори на ризик.
Аполипопротеинот B (ApoB) е структурен протеин на LDL и другите атерогени липопротеини, вклучувајќи ги VLDL, IDL и Lp(a). Секоја од овие честички содржи по една молекула ApoB, па врз основа на неговата концентрација може да се даде процена за нивниот вкупен број. Ова е корисно особено кога LDL-холестеролот не го одразува целосно ризикот, на пример, при покачени триглицериди, дијабетес или метаболички синдром.
Аполипопротеинот A1 (ApoA1) е главниот протеин на HDL-честичките и учествува во обратниот транспорт на холестеролот. Ниската вредност може да биде поврзана со неповолен липиден профил, но не ги опишува самостојно функцијата или бројот на HDL-честичките. Односот ApoB / ApoA1 може да помогне и во процената на ризикот и се толкува заедно со останатите липидни и клинички податоци.
За испитување на липидниот профил дојдете наутро, по 10 до 12 часа гладување, при што е дозволено да пиете само вода. Ова е особено важно за процената на триглицеридите. При контролни испитувања, придржувајте се до истиот начин на подготовка за резултатите да бидат споредливи.
Денот пред анализата избегнувајте внес на алкохол, обилни оброци и невообичаено интензивна физичка активност. Пред земањето крв, седнете и одморете 15 минути. Не прекинувајте ја редовната терапија на своја рака и известете го лекарот кои лекови ги земате. Акутна инфекција, воспаление или неодамнешна операција може привремено да ги изменат липидните вредности; кога испитувањето не е итно, направете го по стабилизирањето на состојбата, во договор со лекар.
Лекарот ги толкува липидните показатели заедно со возраста, крвниот притисок, пушењето, дијабетесот, семејната историја и другите клинички податоци. Така добива попрецизна процена за индивидуалниот кардиоваскуларен ризик и основа за соодветен превентивен или терапевтски пристап.
д-р Владимир Андовски,
специјалист по медицинска биохемија
Контакт:
ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 19
е-пошта: lab@farmahem.com.mk