01.10.2020 ФАРМАХЕМ ОДБЕЛЕЖА ЈУБИЛЕЈ - 30 ГОДИШНИНА ОД ПОСТОЕЊЕТО

На 1 октомври 2020 година, Фармахем одбележа значаен јубилеј, 30 годишнина од постоењето. По тој повод, секој вработен во Фармахем, Фармахем Сервис и ПЗУ Дијагностика Фармахем засади дрво во заедничка активност во Спортско-рекреативниот центар „Сарај“. 30 засадени дрвја се јавори во чест на 30 годишнинината, а останатите се нарекуваат популарно „golden rain за златна иднина! Вкупно беа засадени 75 дрвја во чест на 75-годишнината од раѓањето на основачот на Фармахем, директорот д-р Јосиф Таневски.

Дрвјата беа грижливо садени на оддалеченост од 3–4  метри така што се држеше потребната дистанца низ активност на отворен простор, прикладно за времето во кое живееме, но сепак сите колеги заедно, тимски.

Атмосферата во прекрасната природа беше надополнета со магичните звуци на виолините на Пламенка Трајковска и Наташа Диденко.

По засадувањето на дрвјата, на присутните колеги им се обрати низ инспиративен говор Марјонка Велјановска, извршен директор на Фармахем, како и тројцата колеги Сузана Настевска, Крсте Ѓуровски и Горан Карбевски кои се во компанијата од самиот почеток и во оваа прилика добија награди за 30 години лојалност и посветена работа. Низ сеќавања за нивните почетоци и искуства во Фармахем ги трогнаа присутните колеги, па така нивните излагања беа проследени со многу емоции. 

На крајот на настанот, секој вработен застана покрај своето штотуку засадено дрво со балон во рака и безброј желби за светла иднина. На одреден знак, со звуците на O sole mio, во ист момент, заеднички беа пуштени 75 балони кон небото.  

Истиот ден, од страна на директорите и раководителите на Фармахем, Фармахем Сервис и ПЗУ Дијагностика Фармахем беа засадени уште 10 дрвја (платани и липи) во паркот во „Ѓорче Петров“, еден од најстарите во градот.

Така, 30 годишниот јубилеј беше одбележан на оригинален начин со благородна мисија -  оплеменување со зеленило на околината во која делуваме и креираме проекти и за идните генерации.

Би сакале да изразиме голема благодарност до ЈП Паркови и зеленило за помошта во организацијата. Сo зазеленувањето сите колеги се погрижија паркот да го остават зад себе во уште поубаво светло со желба повторно да го посетат заедно со своите семејства и пријатели.

На овој начин Фармахем уште еднаш потврди дека е општествено одговорна компанија којашто се грижи за заштитата и унапредувањето на животната средина.

Овој сончев октомвриски ден остави печат во сеќавањата на целиот тим. Продолжуваме посветено и понатаму!

- - - - - - - - - - -

Компанијата Фармахем создадена на 1 октомври 1990 година од директорот д-р Јосиф Таневски, започна како мал семеен бизнис и постепено по 30 години прерасна во компанија со 49 вработени, односно 73 заедно со Фармахем Сервис и ПЗУ Дијагностика Фармахем, работна средина во која колегите имаат креативна слобода да ги остварат своите професионални соништа. Од првите почетоци во 1990 година до денес, комерцијалните сектори успешно реализираа многубројни тендери, секторот за еколошки консалтинг води значајни меѓународни проекти, а во лабораториите опремени со софистицирана опрема се изведуваат анализи по акредитирани методи. При тоа, наградите за Општествена одговорност се нижат речиси секоја година и се природен составен дел на компанијата. Така, Фармахем е препознатлив и почитуван бренд во полето на своето делување.

Снимател и фотограф: Ѓорѓи Клинчаров и Драгољуб Николовски

.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk