20.05.2019 Кога визијата на фирмата и на вработените се поклопуваат, успехот е неминовен

БИ: Фармахем веќе долги години е познато и признато име во нашатa земја. Успесите се составен дел од вашето работење, а за тоа најмногу говорат неодамнешните награди. Кажете ни нешто повеќе за нив.

На 26-ти февруари, на гала церемонијата што се одржа во Македонската Филхармонија, на компании и поединци им беа доделени награди за предводници во остварување на целите за одржлив развој. Наградите се доделија во рамки на проектот Градење на меѓусекторски партнерства за одржлив развој, спроведен од организациите Конект, Agora и Мрежата на Глобалниот Договор од Бугарија, а поддржан од УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската унија. Наградите за предводници на целите за одржлив развој се доделија во три категории: поединци вработени во компании, компании и млади бизнис лидери. Фармахем ја доби наградата во категоријата Компании предводници за одржлив развој и наградата беше врачена од вицепремиерот Кочо Анѓушев. Фармахем има мисија да делува локално како мала компанија, имајќи ја предвид поголемата слика – достоинствена работа, здрав живот, чиста животна средина, квалитетно образование, родова еднаквост и подобар живот за сите луѓе во светот.

Фармахем, исто така, го доби признанието за најдоброто од истокот во областа на заштитата на животната средина за 2018 година. Нашиот еко тим е координатор на Програмата за зачувување на природата во Македонија, која во изминатите години значително влијае на подобрување на зачувувањето на природните вредности во Брегалничкиот слив, а со поддршката што ја дава Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Новинарите од источниот регион – како дел од ЗНМ, петта година по ред ги доделуваат признанијата за најдоброто од истокот, следејќи ги настанатите и остварувањата на стопански организации, институции и поединци во изминатата година. Признанијата за најуспешните беа доделени на петти април на манифестација која беше организирана на Меѓународниот славјански универзитет Гаврило Романович Державин во Свети Николе.

БИ: Медена земја го прослави својот успех во светски рамки. Вашата компанија одигра голема улога во целиот проект. Како се “составија коцките“ за да излезе овој успешен документарен филм од којшто и вие сте дел?

Филмот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка SDC, координиран од Фармахем. Програмата има за цел да ѝ помогне на Република Северна Македонија во зачувување на големата биолошка разновидност и природните екосистеми преку промоција на нивното одржливо користење и управување.

Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на природните ресурси. Најголема заслуга за успехот на филмот секако имаат режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

Атиџе ни праќа мудра порака: Задржи половина од медот за себе, а другата половина остави им ја на пчелите. Тоа е порака од жена којашто живее во симбиоза со природата. Жив пример на одржливоста. Но, ова не е само порака, ова е повик за будење за сите нас – креатори на политиките и обичните граѓани. Искористување на природните ресурси, без да се грижиме за нивната одржливост, е против нашите интереси и против интересите на нашите сопствени деца. Сите ние, поединечно и колективно, треба да ја преземеме одговорноста.

По трите награди на Санденс фестивалот во Парк Сити, Јута, САД, пораката на Атиџе, главната протагонистка, за одржливо користење на природните ресурси одекна во Скопје, следеа азиска и официјална европска премиера, во Хонг Конг, односно во Нион, Швајцарија. Документарецот со моќната порака на Атиџе беше прикажан на значајни светски фестивали во Лондон, Белград, Њујорк (МоМА), Сан Франциско, Сарасота, Москва, Торонто и продолжува и понатаму да го обиколува светот.

БИ: Вашето портфолио нуди комплетни и сеопфатни услуги. Се движите во насока на зачувување на животната средина и унапредување на општествената одговорност. Како го постигнувате тоа?

Главната дејност на Фармахем е продажба на лабораториска опрема за медицински, индустриски, аналитички, научни лаборатории, реагенси и потрошен материјал, како и сервисна и апликативна поддршка за истите. Во рамките на Секторот за консалтинг за животна средина којшто е составен дел на Фармахем, функционира и Лабораторијата за животна средина акредитирана согласно со стандардот ISO 17025 за 34 параметри за тестирање во животната средина и калибрација на сила и волумен.

Фармахем Сервис поседува Лабораторија за калибрации, која, исто така, е акредитирана согласно со ISO 17025 за калибрации на мерила за релативна влажност, температура и маса.

Во сите дејности што ги обавуваме се трудиме да делуваме како општествено одговорна компанија.

БИ: Сложниот тим е најголем двигател на успесите на една компанија. Имате голема бројка на вработени, па кажете ни ја стратегијата како тимот успева да остане на “цврсти нозе“ и да ниже признанија низ годините.

Совршено е кога визијата на фирмата и на вработените се поклопуваат во одредена мерка. Како компанија вложуваме многу во едукација на вработените, како и на нашите соработници. Пред сé, инвестираме во стручно знаење, но секако ги промовираме и вредностите во кои силно веруваме, особено во сегментот на заштита на животната средина, одржливо користење на ресурсите, родова еднаквост и недискриминација по никаков основ.

По бројни добиени награди, од оваа година прв пат доделуваме и интерна награда за “Работник на годината“, номиниран и гласан од вработените, според критериумите: трудољубивост, посветеност, колегијалност, меѓусекторска соработка, иновативност, ефикасност, солидарност, пожртвуваност, општо добро во рамки на тимот.

БИ: Дали подготвувате нешто ново што допрва треба да биде претставено на пазарот и дали да очекуваме нови соработки од коишто можат да произлезат големи дела?

Фармахем речиси 30 години опстојува на македонскиот пазар и е мала, но препознатлива компанија. Секоја година сме иновативни и доаѓаме со нов производ или услуга на пазарот. Оваа година со сигурност ќе вложуваме во најсофистицирани инструменти за проширување на услугите и акредитација на Лабораторијата за животна средина, како и проширување на опсегот на Фармахем Сервис Лабораторијата за калибрации на инфрацрвени термометри и термовизиски камери, како и мултиметри за електрични величини и струјни клешти. Секако во понудата на медицински, лабораториски, индустриски и аналитички инструменти ќе продолжиме да ги следиме најсовремените светски трендови.

 

.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk