ТУМОРСКИ МАРКЕРИ

 

Туморските маркери претставуваат протеински или јаглехидратни соединенија коишто се произведуваат во телото на човекот. Во случај на појава на карцином или одредени бенигни болести, производството на овие материи се зголемува. Кога вредностите на туморските маркери се зголемени, не мора да значи дека човекот боледува од карцином, како што ни кога има нормални вредности на туморските маркери, не може да се гарантира дека човекот е без никаков ризик дека ќе заболи од канцер. Наодот на туморскиот маркер мора да се потврди со дополнителна дијагностика, радиолошки тестирања или хируршки биопсии со потврда од патолог. Туморските маркери можат да се испитуваат во крв, урина или во ткиво. 

Најчести туморски маркери коишто се испитуваат кај општата популација се:

CA-125

Овој маркер по структура е протеин. Најчест е кај гинеколошките карциноми (јајници, јацеводи, матка), но се среќава и кај карциномите на панкреас, желудник, хранопровод, дебело црево, црн дроб, гради и бели дробови. Корисен е како маркер за следење на веќе третирани карциноми во случај на нивно повторно појавување. Може да биде покачен и кај некои бенигни состојби и болести, како што се: менструација, употреба на некои лекови, лупус, болести на црн дроб, панкреатитис, во првото тримесечје на бременоста и во други случаи. Денес сѐ повеќе се одредува заедно со маркерот HE4 којшто е најчувствителен за откривање карцином на јајници, посебно на почетокот на болеста, па затоа сѐ почесто се бара комбинацијата од овие два маркера за дијагностицирање.

CA 15-3

Овој маркер е јаглехидратен антиген. Покачените вредности на овој маркер најпрво упатуваат на сомнеж на карцином на градите, потоа на панкреасот, белите дробови, желудникот, дебелото црево и црниот дроб. Значаен е за следење на состојбата по хемотерапијата. Бенигни болести кај кои може да се јават покачени вредности на овој маркер се хепатитис, цироза на црниот дроб, воспаленија на белите дробови, воспаление на некој дел од дигестивниот тракт.

CEA

Овој маркер се смета за општ туморски маркер и најчесто се прави во комбинација со некој специфичен маркер. Зголемени вредности може да се јават кај карцином на градите, белите дробови, карцином на дигестивниот тракт и уринарните патишта, а исто така и кај карцином на црниот дроб. Честопати може да биде покачен кај бенигни состојби. Физиолошки може да биде покачен кај пушачите.

CA 19-9

Овој маркер најчесто се користи за следење и дијагностицирање карцином на дебелото црево, панкреасот, црниот дроб и жолчните патишта. Како и другите маркери, може да биде покачен и кај разни воспалителни процеси.

PSA

Овој маркер е специфичен за простатата. По состав е протеин. Карциномот на простатата е едниствениот карцином кај кој е покачен овој маркер, но неговите вредности можат да бидат покачени и кај некои други, бенигни болести на овој орган. Покрај мерењето на вкупниот PSA, со мерењето и на слободниот PSA (FPSA) се овозможува разграничување на пациентите кои имаат карцином од оние кои имаат бенигна хиперплазија на простата. Покачени вредности на PSA можат да се јават и кај простатитис (воспаление на простата).

AFP

AFP е протеин којшто нормално се наоѓа во феталната крв, а се произведува во црниот дроб, жолчната кеса и дигестивниот систем. Врвот на концентрацијата на AFP е во 12-тата недела од бременоста. По раѓањето, нивото на AFP нагло опаѓа, па во крвта на здрав човек се наоѓа речиси во немерливи концентрации, помали од 20 ng/ml, освен за време на бременоста.

AFP е важен туморски маркер за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином (рак на црниот дроб), па може да биде корисен и како скрининг-тест за негово рано откривање.

AFP е покачен и кај туморите на тестисот и јајникот, а поретко е покачен и кај ракот на панкреасот, на желудникот, на дебелото црево и на белите дробови.

AFP е ретко покачен кај здравите луѓе, а се зголемува само кај неколку немалигни болести, како на пр.: наследна тирозиноза, при актутен вирусен или медикаментозен хепатит (воспаление на црниот дроб) и во состојби кога црниот дроб се обновува, т.е. се регенерира.

Туморските маркери претставуваат само една од дијагностичките методи. Некои од нив се погодни за скрининг-програми кај општата популација. Откривањето на туморот во рана фаза е од големо значење за полесно и поуспешно лечење. Потенцијални индикации за одредување некој туморски маркер кај некој пациент најчесто се позитивна фамилијарна историја, дијагностичко-клинички наод кај кој има потреба од тоа, планирање на терапијата или, пак, при постоперативно следење оперирани или хеморадиотретирани пациенти за успешноста на терапијата.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk