Како да ја спречите појавата на канцер

 

Сигурно досега сте прочитале многу статии за заштита од канцерот. Веројатно заедничко за сите е дека внесувањето дури и мали промени во животните навики може да направи голема разлика. Размислете за следниве промени коишто би овозможиле заштита од појава на канцер.

1.       Престанете да пушите!

Пушењето е поврзано со појава на различни типови канцер, вклучувајќи канцер на белите дробови, устата, грлото, гласните жици, панкреасот, мочниот меур, матката и бубрезите. Дури и да не пушите, т.н. пасивно пушење (престојување во просторија каде што се пуши) може да го зголеми ризикот од рак на белите дробови.

2.       Хранете се здраво!

-          Внесувајте голема количина овошје и зеленчук;

-          Одржувајте ја постојано нормалната тежина – јадете лесни оброци богати со растителни влакна, избегнувајте ги рафинираните шеќери и маснотиите од животинско потекло;

-          За да ја одредите идеалната телесна тежина може да го пресметате БМИ (индексот на телесна тежина)

-          Намалете го или прекинете го консумирањето алкохол;

-          Ограничете го внесувањето преработени месни производи.

3.       Одржувајте ја нормалната телесна тежина и бидете физички активни!

-          За да се одрази физичката активност на вашето здравје, треба да имате умерена аеробна активност барем 150 минути неделно или енергична аеробна активност 75 минути. Во основа, би требало да имате умерена физичка активност барем 30 минути секој ден;

-          Во ваков тип активност спаѓаат: пешачењето, играњето голф, вежбањето јога, дури и косењето трева.

4.       Заштитете се од сонцето!

Канцерот на кожата е еден од најчестите видови канцер, но секако и канцер којшто најлесно може да се спречи. Затоа:

-          Избегнувајте го сонцето во средината на денот (меѓу 10 и 16 часот);

-          Во тој период бидете повеќе под сенка;

-          Заштитете ги изложените делови од телото од сонцето;

-          Не претерувајте со сончање и користете кремови за сончање со најмалку 30 СПФ;

-          Не користете солариуми и УВ-лампи за сончање.

5.       Вакцинирајте се!

-          Од хепатитис Б – хепатитисот Б може да го зголеми ризикот од појава на рак на црниот дроб. Препорачлива е вакцинација за лицата кои земаат интравенозни лекови и медицинскиот персонал кој постојано е изложен на крв којашто потенцијално може да биде инфективна;

-          Од ХПВ – ХПВ е сексуално пренослив вирус којшто може да доведе до канцер на матката и други генитални канцери.

6.       Избегнувајте ризични однесувања!

-          Практикувајте сигурен секс – намалете го бројот на сексуални партнери и употребувајте кондом при сексуален однос. Со тоа ќе се заштитите и од други сексуално преносливи болести

-          Не употребувајте игли коишто некој веќе ги користел – голема е веројатноста да се заразите од ХИВ, хепатитис Б и хепатитис Ц.

7.       Правете редовни медицински прегледи!

-          Самопрегледите и скрининзите може да помогнат во откривањето на канцерот во раната фаза, по што понатамошниот третман може да биде потполно успешен, зголемувајќи ги шансите за потполно излекување.

-          Секој човек би требало да направи колоноскопија по 45 година;

-          Жените треба да прават мамографија по 40‒45 година;

-          Мажите по 45‒50 година, еднаш годишно, треба да направат ПСА – туморски маркер за простата;

-          Ако сте пушач или сте биле пушач, треба да се консултирате со вашиот лекар за да направите КТ за белите дробови;

-          Треба да посетувате дерматолог еднаш годишно за да направи преглед на вашата кожа.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk