Хашимото - Автоимуна болест на тироидната жлезда

 

ХАШИМОТО ‒ хроничен лимфоцитен тиреоидитис, е автоимуна болест во која клетките на имунолошкиот систем го напаѓаат ткиво на тироидната жлезда не препознавајќи го како свое. Откриена е во 1912 година од страна на д-р Хакару Хашимото. Хашимотовиот тиреоидитис многу почесто се јавува кај жените, дури 10 до 15 пати почесто отколку кај мажите. Најчесто се открива на возраст од 30 до 50 години и многу често се јавува и со некои други автоимуни болести како дијабетес тип 1, витилиго, целијакија, ревматоиден артритис, лупус и слично. Се јавува кај 3‒4 % од населението, но факт е дека бројот на заболени постојано се зголемува.

Пациентите со Хашимотовиот тиреоидитис може да имаат антитела против различни ткива на тироидната жлезда (антитела против пероксидаза ATPO, антитироглобулински антитела ATG, антитела против рецепторите за стимулирање на тироидната жлезда хормонски рецептори TSH и други). Најчесто, сепак се јавуваат антителата против тироидната пероксидаза (АTPO) или антитироглобулинските антитела (ATG).

Причините за појава на болеста сѐ уште не можат да се прецизираат. Стресот се јавува како најчеста причина за појава и развој на оваа болест. Потоа, се поврзува со наследните фактори, како и со некои вирусни инфекции или бактерии. Исто така, се верува дека во зголемувањето на ризикот имаат улога и: пушењето, намаленото внесување јод во организмот, како и разни видови загадување од надворешната средина. Една група експерти верува дека габата кандида е директна причина за оваа болест.

 

СИМПТОМИ НА ХАШИМОТОВАта БОЛЕСТ

На самиот почеток на болеста пациентите ги имаат сите симптоми на хипертироидизам (зголемена работа на тироидната жлезда). Се јавуваат зголемено потење, забрзано чукање на срцето, губење на тежината, замор, тремор, мрсна кожа и слаба меморија и концентрација. Симптомите обично траат неколку дена, но може да траат и до неколку недели.

Потоа се појавуваат симптоми на хипотироидизам (намалена активност на тироидната жлезда). Се јавуваат замор, летаргија, заборавеност, сонливост, многу слаба концентрација, забавен говор и движење, како и нагло зголемување на телесната тежина, запек и намален апетит. Срцето сега работи побавно, кожата е бледа и сува, а мускулите се болни, со чувство на мускулна слабост. Се јавуваат и психолошки промени, бидејќи пациентите се безволни, депресивни, со чести промени на расположението, кај мажите се намалува сексуалната желба, а кај жените е нарушен менструалниот циклус. Карактеристични симптоми се нетолеранција на студ, оток околу очите и лицето воопшто (едем), запек, засипнатост и отежнато зборување или отежнато дишење предизвикано од зголемена тироидна жлезда.

На самиот почеток на болеста, симптомите се благи, едвај видливи или отсутни. Многу ретко се случува пациентите да почувствуваат некаква вознемиреност во вратот.

Болеста најчесто се открива случајно, на редовни прегледи, кога ќе се утврди дека тироидната жлезда е зголемена. Развојот на болеста е многу бавен. Болеста се дијагностицира врз основа на лабораториски анализи (испитување на TSH, FT4, FT3, ATPO, ATG), физички преглед од ендокринолог и ултразвук. Терапијата ја пропишува лекар врз основа на состојбата и резултатите од прегледот.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk