Црниот дроб и неговата улога во организмот на човекот

Црниот дроб е орган со големина на фудбалска топка. Се наоѓа веднаш под реброто од десната страна од стомакот и е најголемиот орган во телото. 

Црниот дроб има многу улоги:

  • Вклучен е во метаболизмот на токсини, вклучувајќи лекови, хемикалии и природни супстанции;
  • Синтетизира многу ензими потребни за нормално функционирање на телото, врши разложување на многу супстанции во телото, а исто така делува и како орган за складирање;
  • Одговорен е за синтеза на холестерол и триглицериди. Тој е орган што е одговорен за претворање на гликозата во гликоген којшто може да се складира во црниот дроб и во мускулните клетки;
  • Црниот дроб исто така го синтетизира жолчниот сок што помага при варењето на храната;
  • Тој е одговорен за разложувањето на алкохолот, инсулинот и други хормони во телото;
  • Црниот дроб служи за складирање витамини и други материи коишто телото ги користи како градежни компоненти. Тука спаѓаат: витаминот Б12, фолната киселина, железото потребно за создавање на црвените крвни клетки, витаминот А за видот, витаминот Д за апсорпцијата на калциумот и витаминот К којшто помага за правилно згрутчување на крвта.

Црниот дроб е голем орган и треба да се оштети поголем дел од ткивото на црниот дроб пред лицето да покаже симптоми на болест. 

Симптомите може да зависат и од видот на заболување на црниот дроб.

  • Воспаление на црниот дроб ‒ хепатитис се манифестира со следниве симптоми: болка во горната десна страна на стомакот, гадење и повраќање. Ова исто така може да се забележи кај луѓе коишто имаат камчиња во жолчката;
  • Луѓето можат да имаат жолтица (имаат жолто-портокалова нијанса на кожата и жолти белки на очите) бидејќи црниот дроб не може да го метаболизира билирубинот (нормален производ на распаѓање на старите црвени крвни клетки). Поради тоа може да се појави и чешање на кожата, темна боја на урината, бела боја на столицата;
  • Може да се појават крвавење и модринки затоа што црниот дроб не е во можност да ги синтетизира факторите на коагулација на крвта во соодветни количини;
  • Замор, слабост, губење на тежина и отежнато дишење поради трошење на мускулите како резултат на неможноста на црниот дроб да произведува протеини;
  • Бидејќи црниот дроб е вклучен во метаболизмот на половите хормони, може да се појави гинекомастија (зголемено ткиво на дојка кај мажи) и импотенција;
  • Во крајната фаза на заболување на црниот дроб, како резултат на неможноста за соодветно производство на албумин, може са се појави асцит (акумулација на течност во абдоминалната празнина) и отоци на нозете;
  • Исто така, може да се јават потешкотии при метаболизирањето на амонијакот предизвикувајќи зголемување на неговите нивоа во крвта, што доведува до конфузија.

Со текот на времето, состојбите што го оштетуваат црниот дроб може да доведат до лузни (цироза), коишто, пак, може да доведат до откажување на црниот дроб, што е опасно по животот. Но, раниот третман со соодветни медикаменти, режим на исхрана и одмор, може да му дадат можност за целосно заздравување на црниот дроб.

 

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk