ФОБ (Fecal Occult Blood Test) и калпротектин

ФОБ (Fecal Occult Blood Test)

Со тестот ФОБ се установува присуство на крв во столицата (фецесот). Окултно крвавење значи дека не може крвта да се види со голо око. Крвта во столицата покажува дека има некакво крвавење во дигестивниот тракт, а тоа може да биде од горниот дел на дигестивниот тракт (хранопровод, желудник и дванаесетпалечно црево) и од долниот дел на дигестивниот тракт. Причина за тоа може да бидат:

‒     Полипи;

‒     Хемороиди;

‒     Улкуси (чир);

‒     Колитис.

Крв во столицата може да биде знак на канцер на дебелото црево. Ракот на дебелото црево е на второто место по смртноста од канцери во САД и на третото место по зачестеност на канцер кај мажи и жени. Тестот ФОБ е скрининг-тест којшто може да помогне во раното откривање на ракот на дебелото црево кога третманите можат да бидат најефективни. Исто така, може да помогне во дијагноза и на некои други крвавења во дигестивниот тракт.

Најчесто се препорачува ФОБ да се прави на 2 години доколку нема никакви проблеми. Доколку имате некои од следниве фактори на ризик, ФОБ би требало да го правите почесто од 2 години:

‒     Фамилијарна историја за рак на дебелото црево;

‒     Пушење цигари;

‒     Зголемена телесна тежина;

‒     Зголемено консумирање алкохол.

Пред давањето примерок за ФОБ не треба да се внесуваат:

‒     Нестероидни, антиинфламаторни лекови како ибупрофен, напроксен или аспирин, седум дена пред тестирањето по претходна консултација со матичниот лекар;

‒     Повеќе од 250 mg витамин Ц како суплемент. Витаминот Ц може да делува на хемикалиите во тестот и да се добијат лажно негативни резултати и покрај присуството на крв во примерокот;

‒     Црвено месо, како говедско, јагнешко, свинско два дена пред тестирањето. Исто така не треба да се консумираат цвекло, брокула, грејпфрут, карфиол.

Доколку резултатите се позитивни, најверојатно имате крвавење некаде во вашиот дигестивен тракт. Кај секој 14-ти испитаник може да се јави позитивен резултат, а причината може да биде различна.

За поголема точност и исклучување на крвавењето, потребно е да се направат тестирања на фецесот во три последователни дена. За изведување на тестот потребна е мала количина фецес.

 

КАЛПРОТЕКТИН

НОВ МАРКЕР ЗА ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ ВОСПАЛИТЕЛНИ БОЛЕСТИ КАЈ ЦРЕВАТА

Калпротектинот е објективен биомаркер за инфламација и активност на болеста кај пациентите со инфламаторна болест на цревата и е погоден за процена на текот на болеста и ефектите на третманите кај овие пациенти.

Синдромот на иритабилно црево е често гастроинтестинално функционално нарушување, коешто предизвикува болка во стомакот, подждригнување и проливи, комбинирани понекогаш и со опстипација. Тоа е непријатна и вознемирувачка состојба за пациентот, којашто значително делува врз квалитетот на животот, но не предизвикува постојано оштетување во организмот. Симптомите на иритабилно црево можат лесно да се заменат со недијагностицирана целијакија, интолеранција на лактоза и инфламаторна болест на цревата. Овој синдром се среќава во сите старосни групи, но најчесто е присутен на возраст од 20 до 40 години. Бидејќи состојбата е многу честа, дијагностицирањето кај болните подразбира лабораториски испитувања, ендоскопски испитувања, како и радиолошки методи, поради што целата дијагностика е скапа и долготрајна. Бидејќи симптомите помеѓу болестите на цревата се многу слични, постапките делумно инвазивни, сѐ почесто во дијагностиката се користи одредувањето на количината на калпротектинот во фецесот.

Калпротектинот е протеин којшто се ослободува од леукоцитите, неутрофили, коишто се наоѓаат на местата каде што има воспалителен процес на цревата. Овој маркер низ клиничките испитувања и студии се покажал како корисен маркер од различни аспекти за следење на инфламаторните болести на цревата, од поставувањето на дијагнозата, одговор на третманот и предиспозиција за враќање на болеста. Калпротектинот има антибактериско и антигабично дејство. Гранулоцитите произведуваат калпротектин на местото на инфламацијата на слузницата со што се зголемува нивото на калпротектин во фецесот. Протеинот е стабилен во примероците фецес и до 7 дена на собна температура. Затоа концентрацијата на фекалниот калпротектин е значајна за дијагностика и следење на инфламаторните болести на цревата. Со тоа се смалува потребата за праќање пациенти на ендоскопски прегледи.

Поголем број испитувања покажуваат дека здравите лица имаат вредности за калпротектинот под 50 mg/kg, додека пациентите со активна инфламаторна болест на цревата без оглед на локализацијата во гастроинтестиналниот систем, имаат вредност преку 500 mg/kg. Вредностите меѓу 50 и 150 mg/kg се сметаат за неспецифичен резултат и се препорачува да се повтори тестот за неколку седмици.

Познато е дека инфламаторните болести на цревата имаат променлив тек на болеста. Калпротектинот е значаен кај тие пациенти бидејќи може да помогне во предвидувањето на повторното појавување на болеста. Кај 85% од пациентите кај кои вредностите на калпротектинот биле 250 mg/kg болеста се повторила во рок од 12 месеци.

Кај пациентите кај кои се јавуваат симптоми на сидеропенична анемија, губиток на тежината, појава на крв во столицата, калпротектинот нема улога во дијагностиката.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk