д-р Јосиф Таневски (1945 - 2010) - Основач на „Фармахем“
Научник, професор, деловен човек и општественик

Јосиф Таневски е роден на 21 октомври 1945 година во Скопје, каде завршил гимназија 1964 година. Дипломирал на Технолошко-металуршкиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, 1971 година. Магистрирал на Факултетот за хемиска технологија во Загреб 1975 година. Во учебната 1975/76 година завршил специјализација од областа на неорганска хемија на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз - Франција. Во учебната 1980/81 престојувал во Институтот за физичка хемија на Универзитетот во Хамбург - Германија каде го изработил експерименталниот дел од докторската дисертација. Во 1985 година на Универзитетот во Загреб се здобил со научна титула доктор по технички науки од областа на хемиското инженерство.

 

Во периодот од 1975 до 1990 година, Јосиф Таневски работел во Институтот за истражување на „Aлкалоид“ - Скопје како самостоен истражувач и раководител на истражувачко-развојни проекти.

 

Во периодот од 1985 до 1988 година е ангажиран, преку Републичкиот завод за меѓународна научно-техничка соработка, како професор по неорганска хемија на Универзитетот во Оран, Алжир.

 

Во 1990 година, Таневски го напушта „Aлкалоид“ и ја основа фирмата „Фармахем“, една од првите приватни компании во независна Македонија. Како генерален директор успешно ја развива и раководи 20 години. Денес „Фармахем“ е компанија за промет и консалтинг, сместена во сопствен деловен објект, со 4 различни сектори: Дијагностика и лекови, Инструменти и опрема, Реагенси и адитиви и Сектор за еколошки консалтинг.

 

Во 2003 година го формира „Фармахем Сервис“, како посебен правен субјект, што дава поддршка за инсталација и одржување на продадената опрема од сите сектори. Во рамките на „Фармахем Сервис“, ја формира и првата акредитирана Лабораторија за калибрација на релативна влажност и температура.

 

Јосиф Таневски е основач и на првата специјалистичка биохемиска лабораторија „Дијагностика Фармахем“. Лaбораторијата е пуштена во употреба во декември 1996 година на локација во нас. Ѓорче Петров, a летото 2005 година и на локација во нас. Аеродром.

 

Од 2007 година, во рамките на „Фармахем“, Таневски ја етаблира првата Лабораторија за заштита на животната средина, која од 2010 година е акредитирана за мерење и тестирање на 22 параметри.

 

Паралелно со напредокот во бизнисот, Таневски се ангажира активно на полето на заштитата на животната средина. Во 1991 година бил избран за Претседател на Еколошкото друштво „Опстанок“, a во периодот 1992–1995 бил Претседател на Движењето на екологистите на Македонија - ДЕМ. Како Претседател на ДЕМ, Таневски воспоставил соработка со повеќе значајни европски и светски институции од оваа област: Regional Environmental Centre (REC), International Union for Conservation of Nature (IUCN), Friends of the Earth International (FOEI), Friends of the Earth Europe (FOEE), Green Peace, и др. Бил еден од основачите на Балканската Еколошка Асоцијација (BENA), а од 2000–2003 година бил и Национален координатор за Македонија во BENA. Во 2005 година ја основал Групацијата за еколошки консалтинг при Стопанската комора на Македонија и е нејзин претседател до 2008 година.

 

Бил активен член на Ротари клубот – Скопје од неговото основање во 1992 година.

 

Таневски е добитник на повеќе награди и признанија за постигнувања во областа на заштита на животната средина, грижа за локалната заедница, чувство за општествените процеси и активен придонес во многу здруженија, како и за раководење на компанијата темелено врз концептот на општествена одговорност и корпоративно управување. Зa 2000 година, од страна на македонскиот Центар за Меѓународна Соработка, Таневски ја добива наградата за одржлив развој „Hert Jan Van Apeldorn“ за успешно воведување на концептот за одржлив развој и за долгогодишни постигнувања за јакнење на капацитетот за одржлив развој во Република Македонија, преку јакнење на Движењето на екологистите на Македонија и други еколошки организации, промоција на одржливиот развој преку лобирање и информирање во политичките, стопанските и научните кругови и преку издавање публикации.

 

Во текот на својата професионална кариера, Јосиф Таневски има објавено 30 научни и стручни трудови, 2 патента и има изработено повеќе од 90 студии, елаборати и извештаи, во кои го има внесено своето знаење и искуство.

 

Тој беше храбар визионер, еминентен активист на многу полиња и респектиран деловен човек.


© 2007