16.04.2019 ФАРМАХЕМ e добитник на признанието за најдоброто од истокот во областа на заштитата на животната средина за 2018 година

Фармахем e добитник на признанието за најдоброто од истокот во областа на заштитата на животната средина за 2018 година, како координатор на Програмата за зачувување на природата во Македонија, која во изминатите години значително влијае на подобрување на зачувувањето на природните вредности во Брегалничкиот слив.

 

Новинарите од источниот регион - како дел од ЗНМ, петта година по ред ги доделуваат призанијата за најдоброто од истокот, следејќи ги настанатите и остварувањата на стопански организации, институции и поединци во изминатата година. Признанијата за најуспешните беа доделени на 05.04.2019 година, на манифестација која беше организирана на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе.

 

Во името на Фармахем наградата ја прими Марјана Шушлевска, раководител на секторот еколошки консалтинг и тим лидер на Програмата. Таа се заблагодари на признанието во името на сите кои се дел од реализацијата на програмските активности и ја нагласи улогата на новинарите во подигнувањето на свеста за зачувување на природата. Ова е особено значајно во овој период кога се во тек иницијативи за прогласување на Осогово и Малешево за заштитени подрачја, за да се доближи до пошироката јавност значењето на оваа иницијатива и придобивките од заштитените подрачја за севкупниот одржлив развој на регионот.

 

Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка кој има за цел да и помогне на Република С. Македонија во зачувување на големата биолошка разновидност и природните екосистеми преку промоција на нивното одржливо користење и управување.

 

Акцентот на активностите е ставен на воспоставување на заштитени подрачја и природни реткости во брегалничкиот регион, како и едукација на младите и возрасните преку Едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево, поддршка на еко туризмот, интегрирано управување со шумите, како и  промоција на одржливи земјоделски практики во производството на мед и ориз.

.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Назад до новости

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk