ПРЕЗЕНТИРАНИ ПРОМОТИВНИ ВИДЕА НА ПРОГРАМАТА ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА ВО МАКЕДОНИЈА

 

 

На 18 март во Скопје во кино Фросина МКЦ, во присуство на голем број претставници на национални и локални институции, меѓународни организации, како и на партнерите на ПЗП,  беа презентирани три  промотивни видеа во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП).

 

На настанот кон присутните се обратија амбасадорот на Швајцарија во  Републија Македонија Сибил Сутер Техада, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, националниот тим лидер на ПЗП Марјана Шушлевска, градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски и директорот на Центарот за развој на Источен плански регион Драгица Здравева.

 

Во видеата се прикажани главните интервенции на програмата, како и резултатите од спроведувањето на активностите во период од скоро три години. Ваквиот начин на презентацијата на досега постигнатото, преку кратки, информативни и едукативни видеа, е една од алатките на програмата за подигање на јавната свест за зачувувањето на природата и за нејзина промоција.

 

Видеото „Чекор понапред во зачувувањето на природата во Македонија“ дава ретроспектива на реализираните активности на Програмскиот тим за координација и партнерите, преку интегрирање на сите различни аспекти кои влијаат на зачувувањето на природните вредности и промоција на различните пристапи кон одржливо користење на природните ресурси.

 

„Кон одржливо управување на шумите“ е видео кое го свртува вниманието кон шумите -  еден од најважните природни ресурси што ги има Брегалничкиот регион и дава еден поинаков приод за нивно одржливо користење, со акцент на екосистемските вредности на шумите, а не само економската вредност од нивната експолатација.

 

Видеото „Биолошката разновидност  во сливот на река Брегалница“ за прв пат го презентира големото богатство на различни видови на растенија и животни, како и пределската разновидност во Брегалничкиот слив, како резултат на сеопфатниот пристап во Анализа на недостатоци во еколошките податоци и изработка на еколошка мапа на сензитивност  за Брегалничкиот слив, кои беа реализирани во рамки на Програмата.

 

Овие видеа се од исклучителна важност не само за промоција на програмските активности на ПЗП, туку и за промоција на природните вредности на Брегалничкиот слив и доближување на концептот за одржлив развој во пошироки рамки.

По промотивниот настан, видеата ќе бидат емитувани на националните и на регионалните телевизиски станици, за да допрат до што е можно поширок аудиториум.


Назад до новости